И на Стојан Андов му е сè јасно

Не е точно дека ЕУ и САД креваат рака од Македонија и од нејзината евроатланска иднина. Промените на ставот околу изборите кај нашите западни сојузници значат само барање за побрз и поефикасен пат за разрешување на кризата, пишува Стојан Андов во својата колумн за Утрински весник.

-Работите се едноставни: ЕУ гледа дека опозицијата нема сила да го сруши Груевски, ни институционално ни вон институционално и дека самата ЕУ не може повеќе поинтензивно да се меша во Македонија ако не се промени статусот на земјата, т.е. почеток на преговорите за полноправно членство на Македонија. За таа цел е потребно што побрзо да се одржат избори и оттаму е нивното мислење дека погоден датум е 24 април или најдалеку 5 јуни, за евентуалниот европски самит одржан на средината или крајот на јуни да го промени статусот на Република Македонија во односите со ЕУ, со тоа што ќе донесе одлука за почеток на преговори за полноправно членство на нашата земја во ЕУ. Според тоа не е точно дека ЕУ и САД креваат рака од Македонија и од нејзината евроатланска иднина. Промените на ставот околу изборите кај нашите западни сојузници значат само барање за побрз и поефикасен пат на разрешување на кризата. Тоа што евентуално ќе победи Груевски на тие избори, за политиката на САД и ЕУ кон Македонија не е од решавачко значење, туку им дал можност за посилен притисок за демократски промени во Македонија, пишува Андов.

Тој додава дека во целиот овој период од потпишување на пржинските договори до денес се добива впечаток дека, поради разни причини во спроведувањето на договорите, Груевски речиси во сите фази неколку чекори бил пред опозицијата.

-Имено, тие оценуваат дека дошло до критична точка во која се покажало дека опозицијата, особено СДСМ, ги исцрпува сите можности за своето дејствување, а резултатите се недоволни. Истовремено експертите во ЕУ, оние што се занимаваат со утврдување на европската стратегија, заклучуваат дека институционалните рамки и степенот на развиеноста на односите меѓу ЕУ и Македонија се такви што институциите на Европската унија ги искористија сите легални можности за интервенција во политичката криза во Македонија. Според тоа ако ЕУ има намера посилно да влијае на внатрешните процеси на имплементација на европските вредности во македонската политика и македонскиот општествен живот, тогаш на ЕУ и’ се потребни нови пошироки рамки за нејзина интервенција во Македонија. Најзначаен чекор во тој правец би била одлуката што би била донесена во следниот јуни за отворање на преговори за полноправно членство на Македонија во ЕУ. Без таква одлука ЕУ не може да оди понатаму во своето вмешување во Македонија, од она што го стори досега. А ако биде донесена таква одлука, тогаш работите би оделе многу полесно, пишува Андов.