Напади врз магацините со хемиско оружје во Сирија

Владата на Сирија соопштила во Извршниот комитет на ОЗХО за два случаи на напади врз магацините, каде што се чуваат компонентите за креирање на хемиско оружје, пренесе РИА Новости.

Претставникот на Сирија во ОЗХО Басам ас Сабах изјавил дека нападите биле извршени над магацини во реонот на градот Хомс и во предградија на Дамаск, но сириските власти успеале да ги запрат екстремистите.

Басам ас Сабах не прецизирал која точно група стои зад нападите.

Вчера Организацијата за забрана на хемиското оружје ги повика властите во Сирија да се искористи моментот и да го забрзаат транспортирањето на токсичните хемикалии од територијата на земјата, пренесе Ројтерс, повикувајќи се на соопштение на организацијата.

„Ги повикуваме властите во Сирија да ги забрзаат напорите, за да можеме да завршиме со критичниот дел од мисијата толку брзо колку што дозволуваат сктивностоте што се превземаат. Ние сме среќни ако видиме дека најпосле има напредок. Се надеваме дека транспортирањето ќе продолжи и во текот на следната недела и дека ќе можеме да ги изнесеме хемиските материи од земјата максимално брзо“, рекол портпаролот на ОЗХО, Мајкл Луен.