Наташа Илиевска и Даниел Кимовски се победници на „Танц со ѕвездите 2“

Вчеравечерсо почеток во 22 часот во студиото 1 на Македонската Радио Телевизија се одржа големото финале на втората сезона на најпопуларното домашно телевизиско шоу „Танц со ѕвездите“ во кое со победа се закитија Наташа Илиевска и Даниел Кимовски.

„Дрим Фактори“, продукцијата зад „Танц со ѕвездите“ во соработка со Македонската Радио Телевизија се погрижи на гледачите да им понуди спектакуларно финале со музички ѕвезди од Македонија и регионот кои покрај натпреварувачкиот дел допринесоа публиката пред малите екрани да го доживее целиот гламур на овој танцувачко-натпреварувачки формат на шоу кое со години е на врвот на гледаност во светот, а според досегашните рејтинзи и во Македонија остварува одличен рејтинг.

Натпреварувачкиот дел со одлична кореографија го отворија Сара Мејс и Мишо Спасовски, а веднаш потоа погледнавме „јуниор танго“ во изведба на дечињата Ања и Блажо кои се танцови членови на „Прима Данца“.

Влатко, Васил и Оливер кој го сочинуваат жирито во втората сезона на „Танц со ѕвездите“ танцот на Сара и Мишо го оценија со заслужени три десетки, а во зелената соба на прашање од водителката Марјана Станојковска, танчарот Мишо откри дека малечката Ања е негова роднина и дека вистински ужива во танцот. По одличниот танц на првата танцова двојка, специјалниот гостин во големото финале, хрватската пејачка Јелена Розга го изведе својот хит „Циркус“.

На прашање од водителот Тони Михајловски дали досега учествувала во вакво шоу, пејачка Јелена Розга кажа:

„Прв пат сум во вакво прекрасно шоу со овие прекрасни луѓе. Не сум танцувала во шоу, но танцував 12 години класичен балет“.

Жирито без двоумење им додели три десетки на Наташа Илиевска и Даниел Кимовски, втората танцова двојка која за почеток настапи со танго. Веднаш по нив погледнавме „Јуниор танго“ во изведба на Марија и Тодор од „Прима Данца“.

Франц и Пере од Нокаут со своите хитови ја надополнија богатата програма која МРТ и „Дрим Фактори“ ја подготви за големото финале на „Танц со ѕвездите 2“

Без претходна најава, со одличен перформанс на сцената се појавија Роберт Вељановски и Наде Миленкова кои со перфектна кореографија и неколку различни стилови на музика ја воодушевија присутната публика.

Во вториот дел натпреварувачите танцуваа на песни од Тоше Проески. Први на сцената овој пат се појавија Наташа и Даниел кои танцуваа џаив на „Ледена“, а по нив Сара и Мишо танцуваа на навивачката химна „Македонија навива за вас“. Жирито овие танци ги оцени со три деветки.

Како последна гостинка во шоуто настапи Тијана Дапчевиќ со евровизиската песна на англиски јазик. Таа на прашање од водителот Тони Михајловски откри дека нејзин фаворит се токму Сара Мејс и Мишо Спасовски.

Победникот во минатата сезона на „Танц со ѕвездите“ , кајакарот Атанас Николовски заедно со професионалната танчарка Јована Василева и водителот Димитар Атанасовски изведоа трио перформанс. Атанас, Јована и Димитар  ја надополнија богатата програма на големото финалето на втората сезона на „Танц со ѕвездите 2“ во организација на МРТ и продукцијата „Дрим Фактори“.

Натпреварувачите со слободен „Free Style“ танц кој самите го одбрале се претставија по последен трет пат.

Финалниот танц на Сара Мејс и Мишо Спасовски го избрал победникот во првата сезона, Атанас Николовски, кој имал и удел во кореографијата. Со етно моменти во кореографијата за танцот на песната „Со маки сум се родила“, натпреварувачите прикажаа една цела приказна за македонскиот народ прелеена во танц од минута и пол. Солзите на Мишо ја достигнаа кулминацијата во танцот. Втората танцова двојка, Наташа и Даниел со својот танц ја расположија публиката, а жирито им додели три 10-ки на двете танцови двојки.

Гласањето се одвиваше преку смс, а од еден број можеше да се гласа само еднаш. Додека се пребројуваа смс гласовите, Јелена Розга премиерно во македонскиот етер ја изведе својата најнова песна „Oкус ментола“.

По 5 месец активно тренирање и танцување, и три месеци натпреварување, најпопуларното домашно шоу „Танц со ѕвездите 2“ го доживеа своето финале вчеравечер кога на половина час по полноќ водителската двојка Марјана и Тони ги прогласија победниците. Наташа и Даниел ќе добијат на подарок вредно патување од МРТ и продукцијата „Дрим Фактори“.