НАТО протерува седум руски дипломати, Трамп и Макрон ја „фалат силната меѓународна реакција“

НАТО протерува седум руски дипломат со што за третина ја намалува руската дипломатска мисија како одговор на нападот со нервен агенс врз поранешниот двоен руско-британски шпион во Англија за што според Западот наводно одговорноста лежи врз Москва, објави во вторникот генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

НАТО ќе ги повлече акредитациите за седум руски дипломати и ќе ги ускрати идните акредитации за уште тројца, изјави Столтенберг додавајќи дека со тоа ќе се намали целата руска мисија на 20 лица. Тоа покажува дека постојат „цени и последици за однесувањето на Москва“, додаде.

Францускиот претседател Емануел Макрон разговарал во вторникот со американскиот колега Доналд Трамп и двајца ја „пофалија силната меѓународна реакција по нападот во Солсбери“, соопшти Елисејската палата на еден месец пред патувањето на францускиот челник во САД.

„Мерките кои ги прифатија САД, Европската унија, НАТО и некои членки на двете споменати организации сведочат за солидарноста со Велика Британија и за јасната осуда за употреба на хемиското оружје“, оценува француското претседателство кое смета дека ваквата закана „не смее да остане без одговор“.

Од понеделникот 24 земји, меѓу кои и САД и 17 членки на ЕУ, Канада, Австралија, Македонија и Молдавија одлучија да протераат 117 руски дипломати во рамките на усогласените мерки кои Запад ги воведе против Русија по наводното нејзино труење во Англија, кое сѐ уште не е докажано.

Бугарија, којашто во моментов претседава со ЕУ, како и Австрија која ќе го преземе претседавањето по неа, објавија дека немаат намера да протеруваат руски дипломати. Софија претходно не го повлече својот амбасадор во Русија на консултации, како што сторија другите членки. Бугарија, воопшто не отиде толку далеку како Велика Британија и некои земји членки кои директно ја обвинија Русија за нападот и покрај тоа што истрагата не е завршена, и протераа руски дипломати.