Наумовски: Македонија има јасно изразена волја за надминување на разликите за името

Согласно најавите, следната средба меѓу претставниците на двете страни би требало да се одржи до крајот на годината, пренесува МИА.

Ќе продолжиме да ги разменуваме нашите мислења и идеи во однос на разликата што постои за името, изјавил денеска Васко Наумовски, новиот македонски преговарач во спорот за името и нов амбасадор во САД.

– Во овие разговори Република Македонија настапува со јасно изразена волја да се надмине таа разлика што постои во однос на името. За жал впечаток е дека кај другата страна во овој момент постои еден недостиг на мотивација за надминување на оваа разлика, но и покрај тоа ние ќе продолжиме да разговараме со нашите соседи во правната рамка што е воспоставена со соосдветните резолуции на Советот за безбедност на ОН, Времената спогодба, како и пресудата од Меѓународниот суд на правдата, потенцирал Наумовски, пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика за време на претставувањето на платформата за дипломатски активности како нов амбасадор во Вашингтон.

САД ја поддржуваат и независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и реформите во областа на одбраната и безбедноста и, исто така, како што рече Наумовски, политиката на оваа земја кон регионот на ЈИЕ односно на Балканот е насочена кон охрабрување на сите вклучени страни за решавање на сите отворени прашања.

– Тоа не е само во случај што ние ја имаме со нашиот јужен сосед туку е и случај во разликите што постојат меѓу Србија и Косово, во БиХ итн. Во таа насока САД, според мојата проценка имаат интерес за надминување на разликата што ние ја имаме со нашиот јужен сосед, рекол македонскиот преговарач одговарајќи на прашање на пратеникот Павле Трајанов за поактивно вклучување на САД во решавањето на спорот за името и влез на Македонија во НАТО.

Наумовски бил дециден дека во разговорите што се водат под покровителство на ОН, Република Македонија настапува со јасно изразена ставови и оти како претставник во тие разговори добил јасни насоки кои се ставовите што треба да се презентираат.

Новоименуваниот амбасадор истакнал дека за време на неговиот мандат ќе работи на безвизен режим со САД, но истакна дека тоа е среднорочна цел за чие исполнување е потребно унапредување на критериумите. Првично ќе треба да се овозможи правна рамка. Меѓу неговите приоритети се динамизирање на политичките односи, организирање економски настани за привлекување инвестиции, промоција на технолошки, индустриски и здравствени зони, промоција на туризмот, продолжување и унапредување на соработката во одбраната и безбедноста, образование, наука и култура.

Исто така, најавил интензивна комуникација со дијаспрата во САД, која е една од најголемите во светот, за нивни заеднички настап.

Отчетни излагања имале поранешните амабасадори во Украина и во Египет, Ацо Спасеновски и Миле Манолев.

Манолев сугерирал дека има потреба од повторна анализа на нашите односи со Каиро по настаните во оваа земја, и оти Египет заслужува поголемо внимание на билатерален и економски план.

Ситуацијата во Украина не дава можност за продолжување на економската соработка, според амбасадорот Спасеновски, но има заинтересирани кои сакаат своите компании и бизниси од Украина да ги префрлат во Македонија. Ја повтори позицијата на Македонија дека го поддржува суверенитетот и интегритетот на Украина, како европска држава.