Директорката на Државниот студентски дом – Скопје, Даниела Темелкова, под чија надлежност се и студентските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“, ја потврдила информацијата, посочувајќи дека не е првпат да се уништуваат лифтовите, инвентарот и просториите во домовите. Слична ситуација имало и во „Гоце Делчев“, каде што минатата година веднаш по пуштањето во употреба на реконструираниот и целосно опремен блок Б била искршена внатрешната безбедносна лизгачка врата на лифтот.
Оштетувањето на инвентарот, евидентирано и од безбедносните камери, било причина годинава двајца студенти да бидат исклучени од најголемиот студентски дом во државата. Казнети се и група студенти што не ја почитувале забраната за пушење во објектот, во кој се инсталирани сензори за детекција на чад.