Не земајте апчиња за слабеење на своја рака, советуваат лекарите

Weight loss medicines

При крајот на минатиот месец светската јавност беше шокирана од смртта на 21-годишна девојка од Британија која почина во болница откако претходно земала голема количина апчиња за слабеење.

Смртта на Елоиз Ејми Пери била предизвикана од токсичната состојка, динитрофенол, позната како ДНП, која што буквално ја гори внатрешноста на телото. Токму тоа и се случило на оваа несреќна девојка.

Мајката на девојката за британските медиуми информира дека Елоиз ги нарачала овие таблети преку Интернет и ги предупреди другите родители да водат сметка за тоа што нивните деца купуваат.

Инаку ДНП е познат како „неверојатно чудо за слабеење“, а овој лек што Елоиза го земала се продавал на нерегистрирана интернет страница.

Трагичната смрт на девојката го насочи вниманието на светската јавност кон последиците од купувањето лекови на интернет. За жал во Велика Британија во последните две години се забележани уште најмалку четири смртни случаи поради земањето апчиња кои содржат ДНП, иако според Агенцијата за Храна и лекови во САД се забранети како исклучително опасни уште од 1938 година.

Нормално, овде се поставува прашањето, како може нешто што е очигледно опасно да се најде на пазарот, но со интернетот, купувањето на било каков лек (од лекови за рак на дојка, до лекови против опаѓање на косата) е дополнително олеснето.

Сепак, лековите на црниот пазар се продаваат без утврдена дијагноза, без совети за препорачана доза за земање, како и за потенцијалните несакани ефекти. Така, немате информации за тоа што всушност земате.

Засега кај нас, за среќа не се регистрирани смртни случаи предизвикани од земање на ваков тип лекарства, но според информациите кои ги добивме од Клиниката за токсикологија, досега на Клиниката веќе се јавиле поголем број на пациенти кои се затруле како од таблети за слабеење, така и од суплементи.

-Кај нас не е толку голем бројот на пациенти кои што се затруле од вакви таблети и суплементи набавени од интернет, туку поголемиот дел од нив ги купиле од аптека без претходно да се консултираат со лекар, вели д-р. Нико Беќаровски од Клиниката за Токсикологија.

Тој појаснува дека пациентите најчесто земаат вакви лекови и препарати на своја волја без да се консултираат со лекари за несаканите ефекти, за дозирањето, или за тоа дали воопшто имаат потреба од такви лекови.

Од Агенцијата за лекови на Република Македонија велат дека најчести лекови и препарати кои може да се најдат на пазарот на црно се препаратите за слабеење, стероидни хормони, лекови за зголемување на еректилната дисфункција, хербални лекови кои се продаваат како диететски производи.

Директорката на Агенцијата, Марија Дарковска – Серафимовска во изјава за Нетпрес вели дека станува збор за препарати кои што во суштина се неиспитани и може да влијаат на здравјето и психофизичката способност.

Таа вели дека согласно Законот за лекови и медицински помагала, сите лекови кои се во продаваат во Република Македонија ги исполнуваат критериумите за ефикасност, безбедност и квалитет.

– Прометот со лекови во Република Македонија е под редовен надзор на инспекциските служби на Агенцијата за лекови и засега прометот на лекови на црно е сведен на минимум. Исто така, Агенцијата редовно ги следи огласувањата и недозволената продажба на лекови преку медиумите и презема соодветни мерки за санкционирање и следење на оние препарати кои се рекламираат како додатоци на исхрана, а во суштина може да содржат хербални активни супстанции или дури и некои штетни супстанции, вели таа.

Дарковска – Серафимовска нагласува дека граѓаните не треба да се грижат за сигурноста, ефикасноста и безбедноста на сите лекови што ги земаат од регистрираните здравствени установи (аптеки).

– Агенцијата за лекови го гарантира квалитетот на се она што по легален пат влегува во Република Македонија. Затоа, апелираме до граѓаните лековите да ги земаат исклучиво од здравствените установи (аптеки) кои се редовно инспектирани од страна на инспекциските служби на Агенцијата за лекови, вели директорката.

Сепак, на интернет може да се забележат голем број реклами за препарати и апчиња за слабеење. Граѓаните овие лекови и препарати најчесто ги земаат на своја рака, без претходна консултација со лекар, привлечени најчесто од ветувањата за извонредни резултати.

Сепак, препораките се граѓаните да не земаат вакви лекови без претходно да се консултираат со лекар. Исто така, доколку земаат таков тип лекови и препарати најбезбедно е тоа да го направат во аптека, а не преку интернет.