Ненадејно почина Долорес О’Риордан, пејачката на The Cranberries

Пејачката на ирската рок група The Cranberries, Долорес О’Риордан ненадејно почина во понеделникот во Лондон во 46-та година, објави нејзината агенција за односи со јавноста Lindsey Holmes Publicity, додавајќи дека пејачката престојувала во британската престолнина поради снимање.

„Засега не може да се соопштат повеќе детали. Нејзиното семејство е во шок од овие вести и бара приватност во овие тешки времиња“, објави нејзината пиар агенција. Се додава дека засега не може да се шпекулира за причината за смртта, освен дека е ненадејна.

Бендот The Cranberries беше на врвот од својата популарност во 1990-те со нумерите како „Zombi“, „Just My Imagination“ и „Animal Instinct“ кога продадоа повеќе од 40 милиони носачи на звук во светот. Албумот „No Need to Argue“, исто така, забележа голем успех.

Во 2003 година членовите на групата договорија пауза и секој од нив се занимаваше со приватни проекти. Долорес О’Риордан во разговор во 2012 година дека во тој момент имала петгодишен син и двогодишна ќерка, како и дека им била потребна промена.

Групата повторно се собра во 2009 година и три години подоцна го издадоа албумот „Roses“. Нивниот последен албум со наслов „Something Else“ беше објавен минатата 2017 година.