Неуспешна полициска акција за апсење затвореник- бегалец

Затвореник бегалец од затворот Идризово, денеска успеал да избега во полициска акција организирана за негово апсење, дознава „Нетпрес“.

Во акцијата имало вклучено инспектори за дрога и оружје, како и полициски специјалци.

Од СВР Охрид, не сакаа да дадат информации за акцијата, со обрзложение дека се’ уште се преземаат мерки, но, не потврдија за што се работи. Најавија детали за утре.

Според нашите информации, станува збор за затвореникот Орце Миленковски, кој на 15 декември 2016 година избега од затворот Идризово.

Тој, заедно со уште еден затвореник, Бедри Ковачи, го земал како заложник чуварот Љубе Димитров, од просториите на затворската болница, која функционира во рамките на болницата „Мајка Тереза“. Затворенииците го киднапирале чуварот и со неговото возило го однеле до Горно Нерези, потоа избегале.

И двајцата затвореници, се осудени за тешки кривични дела. Бедри Ковачи е осуден на 16 години затвор, за носење оружје без дозвола, дрога и киднапирање, а  Орце Миленковски е осуден на 17 години и 2 месеци,  за убиство, носење оружје и дрога.