Веста за вчерашниот протест на опозицијата во Македонија ја пренесуваат речиси сите светски новински агенции. Интересно е тоа што во поглед на излезеноста на протестот, сите тврдат дека имало околу 20.000 граѓани, што е само една петтина од она што го тврди лидерот на СДСМ Зоран Заев и потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска или 100.000 граѓани.
Во текот на вчерашниот ден, француската новинска агенција АФП, позната и како „Франс Прес“, беше првата која излезе со вест дека на протестот излегле над 20.000 граѓани.
– Над 20.000 граѓани на митинг бараат македонската Влада да се повлече, објави AFP.
Еден од најпрестижните и највлијателни светски весници, британски „Гардијан“ објави дека на антивладините протести во Скопје учествувале 20.000 демонстранти.
– Околу 20.000 демонстранти излегоа на улиците во Македонија и побараа Владата да се повлече. Балканската земја е во криза во последните неколку месеци, предизвикана од наводна вмешаност на Владата во скандал со прислушување, пишува „Гардијан“.
Руската телевизиска станица „Раша тудеј“, исто така, објави вест за протестот во Македонија, во кој наведе дека на улиците во протестите учествувале над 20.000 граѓани.
Oколу десет илјади демонстранти учествуваа на антивладиниот протест во Македонија, на кој се бараше оставка од премиерот Никола Груевски, стои во објавата на „Си-ен-ен“ за вчерашниот протест во Скопје на опозицијата и на граѓански здруженија.
Во прилогот на „Си-ен-ен“ се зборува за случајот со прислушувањето, а се наведува и тврдењето на премиерот Груевски дека прислушувањето го извршила неименувана странска служба.
Дел од странските медиуми, беа малку повнимателни па не сакаа да одат со прецизни бројки, но забележително е дека и кај Би Би Си, Дојче Веле и други се споменуваат десетици илјади.
Исто така и медиумите од Регионот пишуваа дека на протестите биле присутни околу 20.000 луѓе. Телеграф.рс вчера пишуваше дека опозицијата дожеивеала вистинско фијаско, затоа што на протестот излегле само 18.000 луѓе.
Репортерката на Радио телевизија Војводина во својот извештај од Скопје јави дека нема повеќе од 10.000 луѓе кои излегоа на антивладиниот протест.
Со тоа, овој медиум дефинитивно и “удри“ шамар на заменик претседателката на СДСМ, дека денешниот собир организиран од СДСМ воопшто не беше масовен, јавуваат и голем број на други медиуми од регионот.
Голем дел од бугарските и грчките медиуми се повикаа на проценките на агенцијата Франс прес, како и на угледниот британски весник „Гардијан“.
Реално, протестот на Заев и Шекеринска вчера го поддржаа околу 18.000-19.000 симпатизери на опозицијата.
Општа констатација на македонските и странските медиуми е дека најавите за посетеност беа повеќе од нереални.
Инаку, денеска во Скопје е закажан голем граѓански собир на кој се очекува голем број граѓани да дадат поддршка на актуелната политика и на економските реформи на власта.