ТОП,Македонија

Нимиц за Катимерини: Дојде време да се реши прашањето за името

Нимиц за Катимерини: Дојде време да се реши прашањето за името

Дојде време да се реши прашањето за името; решението може да биде сложено име со географска одредница со терминот Македонија; корисна би била средба меѓу двајцата премиери; Груевски е искусен и ефективен лидер, а Ципрас за кусо време се стекна со големо искуство. Ова се дел од ставовите на медијаторот Нимиц, во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, пренесува Канал 5.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите за името, Метју Нимиц можеби за прв пат ги изнесува јавно неговите ставови и мислења. Во однос на можното решение, според негово мислење, споменува 7 точки.

Инволвираните страни се одговорни за да стигнат до точните елементи на договорот, но ќе ви го кажам моето мислење за тоа кои треба да бидат тие. Прво, треба да постои договор за името на државата кое ќе го содржи терминот Македонија, но и една разумна одредница, според мое мислење, географска одредница би било најдоброто нешто за да се осигури достоинството на земјата, но исто така да се разграничи од големиот дел на Македонија, кој е нераскинлив дел од Грција.

Второ треба да постои договор за секундарните аспекти на името, како што е спектарот на употреба и преодниот период. Трето, треба да постојат уверувања дека прашањето за било какви територијални аспирации е еднаш засекогаш отфрлено. Четврто, идентитетот на луѓето што се инволвирани треба да се почитува.

Петто, културното наследство на сите граѓани треба исто така да се почитува. Шесто, забрзан процес на интеграција во НАТО е од суштинско значење, како и поддршка во изборот на одредена временска рамка за започнување на процесот на пристапување во ЕУ, објаснува медијаторот.

Тој коментира дека решението нема да биде случај кога едната страна добива а другата губи, туку и двете земји ќе имаат корист, а потребно е процесот да се забрза, додека пак во изминатата година, смета дека конкретниот проблем не бил приоритет на владите на двете земји затоа што се соочувале со други важни прашања.

Нимиц: Груевски е ефективен и искусен лидер

Медијаторот, во интервјуто за Катимерини, ги коментира и премиерите на двете земји, за Алексис Ципрас вели дека за краток временски период се стекнал со големо искуство, додека пак за Никола Груевски дека е ефективен и искусен лидер.

Многу години ја следам работата на премиерот Груевски. Многу е сериозен и фокусиран на тоа што го работи. Тој е интелигентен соговорник. Со силни лични карактеристики. Тој е ефективен и искусен лидер, и секако го познава проблемот од сите аспекти, вели Нимиц.

Ки Мун наложил во следните 15 месеци да се реши спорот

Нимиц во опширното интервју за грчкиот весник не ја крие разочараноста што не успеал да најде решение во изминатите години. Вели дека генералниот секретар на ОН, кој добро го познава спорот,  го повикал да го реши проблемот во следните 15 месеци, односно до крајот на мандатот на Бан Ки Мун.

Медијаторот Метју Нимиц, една година не го посетил регионот, но бил во постојани контакти со двете страни и смета дека е корисно да дојде и се надева дека тоа ќе се случи наскоро.