Нов правилник за специјализирана медицинска рехабилитација

Од денеска започнува да важи новиот Правилник за специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување.

Со новиот Правилник за прв пат се воведува можност за специјализирана медицинска рехабилитација за деца до 18 години со онколошки заболувања еднаш по завршена онколошка терапија и во фаза на ремисија до 5 години од постигнување на ремисија. (еднаш годишно до 15 дена). Сите лица со хемофилија. (еднаш годишно до 15 дена)

За лицата заболени од церебрална парализа, мултипла склероза кај средно тешки и тешки испади на локомоторен систем, плегии (хемиплегија, параплегија и тетраплегија), тешки парези, ревматоиден артрит, онколошки заболувања кај деца до 18 годинишна возраст и хемофилија, правото на специјализирана медицинска рехабилитација ќе може да се оствари врз основа на конзилијарно мислење, специјалистички/ субспецијалистички извештај и мислење на лекарската комисија на ФЗОМ без потреба од хоспитализација.

Со новиот правилник се дефинирани индикациони подрачја за остварување на право на специјализирана медицинска рехабилитација и тоа:
 Невролошки заболувања
 Заболувања на срцето и крвните садови
 Ревматски заболувања
 Респираторни заболувања
 Повреди и заболувања на локомоторниот систем
 Онколошки заболувања кај деца до 18 години
 болести на крвта и крвотворните органи (хемофилија)

За првпат дефинирана е Листа со индикации за остварување право на специјализирана медицинска рехабилитација како составен дел на Правилникот.

Во Листата утврдени се индикациите и шифрите на дијагнози по МКБ 10, специјалистите кои даваат предлог за медицинската рехабилитација, потребната медицинска документација и времетраењето на рехабилитацијата.

Новиот правилник ги дефинира начинот, времетраењето, постапката на остварување на право на специјализирана медицинска рехабилитација и спроведување на истата. Според медицина базирана на докази, а со цел превенција од компликации утврдени се контраиндикации за специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување:
 Акутна психоза, асоцијално однесување или склоност кон самоубиство
 Акутна инфективна болест и фебрилна состојба
 Декомпензација на витални органи
 Малигни болести во стадиум на егзарцербација и декомпензација
 Терминална фаза на болеста
 Патолошка бременост
 Сенилна деменција и тежок облик на генерализирана артериосклероза
 Нестабилна ангина пекторис
 Неконтролирани аритмии на срцето
 Флеботромбоза на длабоки вени на нозе
 Имобилизација кај која не може да се спроведе рехабилитационо лекување

Како олеснување со новиот Правилник се овозможува за осигурениците лекувани во странство со Решение од ФЗОМ или во ПЗУ со кои Фондот има склучено рамковен договор да може да остварат специјализирана медицинска рехабилитација во РМ.

Воведено е право осигуреното лице во континуитет да продолжи со специјализирана медицинска рехабилитација веднаш по завршување на болничко лекување, и тоа врз основа на Потврда за болничко лекување на пропишан образец од ФЗОМ (додека Отпусното писмо е во изготвување).

На осигурените лица со рехабилитацијата се обезбедува постапка на физикална терaпија (масажа, кинези терапија, електротерапија, хидротерапија, терапија со термоминерална вода, термотерапија, фототерапија, примена на ултразвук), оспособување со стручна работа и со соодветни медицински помагала, со цел спречување или отстранување на намалена работна или функционална способност на осигуреното лице, како и обезбедување на кардиолошки и респираторни рехабилитациони постапки. На осигурените лица се обезбедува специјализирана медицинска рехабилитација заради подобрување или враќање на изгубени или оштетени функции на телото, како последица од акутно заболување или повреда, медицински оперативни интервенции, конгенитални аномалии, влошување на хронично заболување.
Со специјализирана медицинска рехабилитацијата како продолжено болничко лекување се обезбедува спроведување на интензивна програма на рехабилитација за која е неопходно мултидисциплинарно тимско работење во рамките на медицинскиот третман, заради отстранување на функционалните пречки и подобрување на здравствената состојба.

Специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување се спроведува во текот на целата година, во здравствени установи специјализирани за вршење на медицинска рехабилитација и природни лекувалишта со кои ФЗОМ има склучено договор.
Специјализираната рехабилитација се спроведува континуирано, како и за време на викенди и празници, односно за целиот период на траење на одобрената рехабилитација.

За потсетување на осигурениците, медицинската рехабилитација за децата со церебрална парализа до тригодишна возраст може да трае до 30 дена и тоа до четири пати во текот на годината, а за деца над тригодишна до четиринаесетгодишна возраст може да трае до 30 дена два пати во текот на годината. Согласно новиот Правилник, истата може да се обавува само врз основа на специјалистички/субспецијалистички извештај без потреба од повторна хоспитализација. Конзилијарното мислење за децата со церебрална парализа е една година.

Правилникот за специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување е законска регулатива која треба да се почитува од страна на лекарите од секундарна, терциeрна здравствена заштита и лекарските комисии на Фондот.