Новиот објект го реши проблемот од недостиг на простории за работа

Со доградбата на новиот објект каде ќе биде сместено Министерството за финансии ќе биде надминат проблемот што се јавуваше поради користењето различни локации во кои беше сместено, што  го отежнуваше нормалното и ефикасно функционирање, велат од Министерството.

Воедно, стои во соопштението, ваквиот потфат трајно го реши деценискиот проблем од недостиг на просторни услови за работа, а државата со неговата изградба заштеди значителни средства за закупнина на објектите во кои функционираше Министерството.

Објектот е распространет на 14.000 метри квадратни , има 11 нивоа и е еден од најсовремените во регионот.  Вградени се најсовремени материјали за изолација, независен систем на затоплување и ладење со клима комори и стакло со високосоларен коефициент на трансмисија.

Зградата спаѓа во групата СМАРТ згради – насочена кон заштеда на енергија и заштита на околината. Во неа е сместен и современ прес-центар, како и конференциска сала каде ќе се одржуваат конференции, состаноци и дебати меѓу стручни лица за соодветни намени. Изградена е и најсовремена компјутерска систем сала, направена по најстроги стандарди, која ќе овозможи непречено и стабилно функционирање на целокупниот компјутерски систем на оваа институција, а пред сè на Трезорот и Буџетот како витални сектори на Министерството за финансии и на платниот промет во државата.