Објавен тендер за набавка на униформи во основните училишта во Аеродром

Општина Аеродром денеска објави тендер за набавка на училишна облека за учениците од основните училишта на нејзината територија.

Со тоа продолжува традицијата што почна минатата учебна година учениците од сите основни училишта во Општина Аеродром да носат училишна облека.

Целта на овој проект, кој наиде на одобрување и прифаќање не само кај учениците, туку и кај родителите е сите ученици да бидат облечени во иста облека и да се навикнат на соодветен кодекс на облекување и на тој начин основните училишта да ги достигнат стандардите на училиштата од европските метрополи.

Училишната облека ќе биде иста како и до сега и ќе се состои од сиви панталони, бела блуза со кратки и со долги ракави и тегет елеци со амблем, на кој е извезено логото на Општина Аеродром и името на училиштето.

Девојчињата ќе имаат можност да одберат здолниште или панталони. Трошоците за околу 6.000 училишни комплети повторно, како и минатата година, ќе ги покрие Општина Аеродром.

Искуството покажа дека со воведувањето на училишната облека се постигнува чувство на еднаквост меѓу децата, без поделби и разлики меѓу нив во начинот на облекување, а од друга страна, пак, на родителите им се намалија трошоците за купување гардероба, која некои родители не можат да си ја дозволат.