Одржана конференција по повод 100 години од почетокот на Првата светска војна во МНР

Во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, во организација на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика, а во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од започнувањето на Првата светска војна, се одржа Конференција на тема: „Дипломатски и воени реперкусии во Македонија од почетокот на Првата светска војна“.

На Конференцијата свое обраќање имаа министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, амбасадорите на Француската Република во Република Македонија, Лоренс Оер и на Сојузна Република Германија, Кристине Д. Алтхаузер. Проф. д-р Марјан Димитријевски од Институтот за национална историја при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје одржа тематско предавање пред присутните.

konferencijaaa (1)

– Понекогаш Првата светска војна ни изгледа како далечна историја, црно бели филмови и фотографии, како од некој одамна заборавен свет. Но, неопходно е да се потсетуваме на овие болни искуства од европската историја, да разговараме околу нив, да продолжиме да се сеќаваме и да ги одржуваме спомените и искажеме почит кон сите оние кои ги загубиле своите животи, изјави Поповски.

Амбасадорот Оер, го потенцираше геостратегискиот аспект на случувањата на Македонското тло и укажа на значењето на овие случувања за Француската историја, како и на потребата од повторно и темелно истражување на сите историски факти од овој период на Балканот. Амбасадорот Алтхаузер, пак, се осврна на значењето на помирувањето, учењето на лекциите од минатото и потребата, особено во денешен контекст, за соработка и дипломатија во меѓународните односи.

konferencijaaa (3)

Предавањето на проф. Марјан Димитријевски беше во најголем дел посветено на објективно исцртување на интересите на големите сили на бојното поле, движењата на нивните етничко-национално и религиозно мешани војски, како и на искуствата и видувањата на месното население.