Официјално: Сами Кедира е најнова аквизиција на Јувентус

Сами Кедира од денеска и официјално е нов член на Јувентус откако актуелниот шампион на Италија го потврди доаѓањето на германскиот репрезентативец. Веќе беше обелоденето дека Кедира ги прифатил условите за четиригодишен договор за плата од 3,8 милиони евра по сезона, информација што денеска ја потврди и “старата дама” преку својата официјална веб-страница.

“Сами Кедира во следните четири сезони ќе го носи нашиот дрес. Постигнавме договор со фудбалерот, со важност од 1 јули 2015 до 30 јуни 2019 година. Роден во Штутгарт на 4 април 1987 година, Германецот е еден од најкомплетните фудбалери на својата позиција и импресионира со својата техничка поткованост, визија за играта, како и со силата што ја поседува на теренот” – се вели во информацијата на веб-страницата на Јувентус.

“Старата дама” нема да плати никаква отштета за германскиот играч за врска со оглед на фактот дека тој стигнува како слободен фудбалер, по истекот на договорот со Реал Мадрид. За услугите на Кедира се интересираа и неколку тимови од Бундес-лигата и од Премиер-лигата, но Кедира сепак се реши за преселба во Италија.