Охрид одбележува 1.000 години од смртта на Цар Самоил

По повод 1.000 години од смртта на Цар Самоил, денес на Самуиловата тврдина, општина Охрид организираше историски час. На случувањето заедно со претставници од локалната самоупраа присуствуваа и продуцентот Дејан Милошевски и режисерот Антонио Митриќески, кои во наредниов период ќе снимаат филм за битката на Беласица и животот на големиот македонски владател Цар Самоил.

Предвидено е снимањето во Охрид и неговата околина да биде три до четири недели. Филмскиот проект е поддржан од Министерството за култура.

– Самоиловата тврдина и артефактите од тој историски период, независно различните толкувања на некои историчари од соседните земји, покажуваат дека Охрид бил главен административен и духовен центар на македонското средновековно царство. Крунисувањето за цар според многубројни познавачи на тој историски период, било извршено на свеченост на крајот на 10 и почеток на 11 век во царската престолнина во Преспа, а македонската престолнина и патријаршкиот престол од Преспа била преместени токму во Охрид, истакна градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Остатоците од цивилизациите во кои опстојувала Самоиловата тврдина се видиливи и денеска и се доказ за нејзиното историско значење.

– Новите научни сознанија покажуваат дека тој го основал македонското средновековно царство и неслучајно Охрид го избрал за негово седиште, истакна Бакрачески изразувајќи уверување дека научниците, настрана од дневнополитички интереси и притисоци, ќе продолжат со истражувањата и на светската научна јавност ќе и ги прикажат реалните и со факти поткрепени сознанија за тој период од богатата македонска историја.

Режисерот Митриќески заедно со продуцентот Дејан Милошески, го најави големиот проект за снимање игран филм посветен на Цар Самоил, копродукција на Македонија, Србија, Англија, Канада и САД.

– Станува збор за историски проект со наслов „Цар Самоил“. За мене како режисер фасцинантно е за мене да се обидам да ги доловам тоа време и таа енергија. Филмот е замислен да ја прикаже главната драма меѓу двата главни лика – Царот Самоил и Василие Втори и нивниот конфликт. Не смееме да заборавиме дека Василие бил еден од најзначајните византиски императори и оттаму уште поголема е силината на Самиол што се дрзнал и успеал да го формира македонско средновековно царство, истакна Митриќески.

Тој најави дека во филмот ќе бидат опфатени многу ликови од семејството на Самоил, неговите ќерќи и син, но и вистинските предавства од страна на Иван Владислав и блиски луѓе од неговото најблиско опкружување.

Филмот ќе се снима на локации во Охрид, на Самоиловата тврдина и на просторот на планината Галичица меѓу Охридското и Преспанското Езеро.