Охридското Езеро се’ уште е на безбедна кота

Неповолните временски услови што го зафатија охридскиот регион, проследени со интензивни врнежи од дожд и снег, засега не предизвикаа поголеми штети.

Охридскиот регион беше меѓу деловите на државата каде наврна најголемо количество дожд, а во одредени денови и по 40 литри на метар квадратен.

Градот Охрид не е директно загрозен, нивото на Охридското Езеро се уште е на безбедна кота кога станува збор за некакви излевања и во самиот град немаше поголеми проблеми, освен во деловите каде што секогаш се први на удар при вакви временски услови. Поплавени беа само три индивидуални станбени објекти и влезови, подруми, гаражи и станбен простор во приземните делови на две станбени згради во населбата Далјан.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески денеска рече дека биле преземени активности на посочените локации и оти е интервенирано со механизација и пумпи за отстранување на водата од поплавените простории. Најави дека по евидентирањето локалната самоуправа ќе преземе и конкретни активности за помош на семејствата за санирање на штетите од поплавите.

Проблемот во одредени делови на градот произлегува од лошите инфраструктурни решенија во самиот систем за одвод, во кој доаѓа до мешање на атмосферските со отпадните води од канализацискиот систем, така што при обилни врнежи системот нема капацитет да ги прими водите и доаѓа од излевање на шахтите.

Ситуацијата е под контрола и во реонот на општина Дебрца. Она што сега претставува најголем проблем е потенцијалната опасност од излевање на Слатинското Езеро, чие ниво се наоѓа на само еден метар од максималната кота, иако сите испусти на вода од акумулацијата се целосно отворени. Проблем повеќе е тоа што браната на езерото е оштетена, што беше причина пред нецели две години акумулацијата да биде целосно испразнета.

Иако состојбата не е алармантна, сепак ситуацијата на терен во услови на интензивни врнежни од дожд и снегот што се топи од околните планини укажува дека постои реална опасност од попуштање на насипот и излевање на водата од акумулацијата низ атарот на селата Слатино и Издеглавје и населбата Слатински Чифлик.

Инаку, акумулацијата се наоѓа во атарот на селото Слатино во општина Дебрца, изградена во 1963 година за наводнување на околното обработливо земјиште. Водата во езерото дотекува од Мраморечка река, додека изливот на водата од езерото води кон реката Сатеска и натаму во Охридското Езеро. Во акумулацијата има приближно 1,4 милиони кубни метри вода. Состојбата со насипот на акумулацијата е проблематичен години наназад, а освен помали интервенции браната на езерото никогаш не е санирана.

Фото: Охрид1