Орбан за „Билд“: Ветувањата на ЕУ за Турција се чиста илузија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека ветувањата на ЕУ дека на Турција ќе и даде пари и други отстапки во замена за спречување на бранот на мигранти се чиста илузија, пишува „Танјуг“.

Покорно го молиме (турскиот претседател Реџеп Тајип) Ердоган за безбедност на нашите граници во замена за пари и ветувања затоа што неможеме сами да ги заштитиме, рече Орбан за денешното издание на високотиражниот германски весник „Билд“.

Европа со тоа, како што оцени тој, својата безбедност и иднина ја прави зависна од добрата волја на Турција, пренесува Ројтерс.

Брисел им дава на Турците ветувања што неможеме, или не сакаме да ги исполниме. Планот да примиме илјадници бегалци од Турција и да ги распоредиме низ Европа е илузија, истакна Орбан.

Кога Унгарија би го прифатила тоа, би ме врзале за столб овде во Будимпешта, заклучи тој.

Земјите членки од ЕУ овој месец одобрија фонд од три милијарди евра за Турција за да ги подобри условите за живеење на бегалците на турска територија, во замена за ветувањето дека Турција ќе се погрижи што е можно помалку бегалци да се упатат кон ЕУ.

ЕУ се надева на тој договор со цел да го намали приливот откако над 1 милион бегалци се слејаа во Европа во текот на 2015-тата година, и тоа најголем дел од Блискиот Исток и Азија преку Турција.

Орбан е еден од најотворените критичари на ставот за гостопримство на германската канцеларка Ангела Меркел кон бегалците, а вчера најави и одржување на референдум во врска со плановите на ЕУ да воспостави систем на задолжителни квоти за распределба на мигрантите.