Осло се откажа од ЗОИ 2022

Главниот град на Норвешка, Осло е четвртиот кандидат за домаќин на зимските Олимпски Игри во 2022 година, што се откажа од организацијата oд финансиски причини.

Пред него, се откажаа прво украинскиот град Лавов, па Краков во Полска и Стокхолм, а не се успеа ниту со идејата организацијата да им се довери на Германија и Швајцарија, затоа што во овие две земји нема интерес во јавноста за зафаќањето со еден ваков потфат, каков што е зимската Олимпијада.

Како кандидати останаа само уште Алма Ата, во Казахстан и кинескиот главен град Пекинг.

Западните медиуми забележуваат дека Меѓународниот Олимписки комитет (МОК) не е воодушевен од ваквата разврска, затоа што Казахстан се означува како „проблематична земја“ кога станува збор за човековите права, додека Кина се посочува како „авторитатарна држава со еднопартиски систем“ што беше истакнувано и при определувањето кој ќе биде домаќин на летната Олимпијада во 2008 година.

Намерата на МОК беше зимските Игри, за осум години, да се одржат во некоја од еврпските држави и притоа се „навиваше“ тоа да бидат Осло и Норвешка.

Норвешкиот главен град беше домаќин на Олимпијадата во 1952 година, Лилехамер ја имаше организацијата на Игрите во 1994, а норвешките спортисти имаат најмногу освоени зимски трофеи.

Парламентот на Норвешка, меѓутоа, не покажа разбирање за ваквите планови на МОК, па одби да одобри дополнителни средства за финансирање на ЗОИ во Осло, иако Меѓународниот Олимписки комитет вети помош од 880 милиони долари за организаторот на Игрите.

Медиумите во Осло за ваквата одлука на домашните парламентарци ја обвинува „екстраваганцијата“ на која се уште инсистира МОК, испраќајќи посебна книга со седум илјади барања до организаторите во Норвешка, меѓу кои задолжителен прием кај норвешкиот крал, низа ВИП приеми и банкети, како и подредување на комуникацискиот систм на земјата на потребите на Олимпијадата.

Независни набљудувачи, пак, проценуваат дека може да настане криза околу организацијата на Игрите, по она што се случи во Сочи, кога Русија за зимските Игри потроши, досега, рекордни 5,1 милијарда долари и стравот на потенцијалните домаќини од финансиски колапс.

Следната Олимпијада, во 2018 година, ќе се одржи во Јужна Кореја, во тамошниот зимски центар Пиеонгјанг. Засега не се знае кој потоа ќе биде домаќин, но се верува дека најверојатно организацијата ќе му биде доверена на Пекинг.

На тој начин, кинескиот главен град ќе биде првиот во светот што ги угостил спортистите на една летна и зимска Олимпијада