Откриј го Крушево

Главната цел на кампањата „Откриј го Крушево“ е развој на параглајдерството и популаризација, привлекување на туристи, но и зголемување на безбедноста со подобрување на техничките услови за летање со параглајдери и делтаплани. Со реализација на овој проект ќе се збогатат спортско-рекреативните содржини и ќе се поттикне
развојот на туризмот, а Крушево ќе стане меѓународно познат центар за летање со параглајдер.

„Би сакал накратко да потсетам дека Крушево е град-музеј за што сведочат и знаменитостите, кои му даваат на градот огромна туристичка вредност.Со цел порамномерен развој, Агенцијата има предвидено бројни проекти, но со ова сакам да го најавам и стартот на проектот за развој на туризмот во областа на слободното летање со параглајдери и делтаплани во Република Македонија, кој ја започнува својата реализација токму од Крушево, а ќе опфати и други региони во Република Македонија, изјави Џамбазовски,“ изјави директорот на Агенцијата за развој на туризмот Кристијан Џамбазовски.

За настанот во Крушево има веќе подготвена богата програма.

„На самиот ден, со однапред купен лоз од симболични 100 денари, имате потенцијална можност да летате над Крушево со параглајдинг. Останатите пак, ќе можат лесно да ја следат мапата со настани, која ја подготививме специјално
за овој настан, и да го искусат традиционално Крушево. За нив има обележани пешачки и велосипедски патеки, јавање со коњ, локуми подготвени по тајниот крушевски рецепт, но и едно кратко пловење низ крушевската традиција на
рачниот вез, кој е дел од моделите на Версаче и приватната колекција на Сандра Булок. Во текот на денот гостите ќе имаат можност да се забавуваат со музичкиот репертоар на бендови Љубојна и Суперхикс, низ кој ќе ве водат Петар и Ана од Метрополис, “ изјави Емилија Ѓероска, директор на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.