Отворен 181-от Октоберфест

Со отворањето на првото буре со пиво и музика, синоќа беше отворено 181-то издание на Октоберфест, на кое се очекуваат милиони посетители.

Честа да го отвори првото буре со пиво, а со тоа да го означи и почетокот на овој најголем народен фестивал на светот веќе со децении му припаѓа на градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер кој со четири удари го отвори првото буре и со тоа го прогласи за отворен овогодинешниот Октоберфест.

И оваа година вештите баварски келнерки носејќи по десетици кригли во рацете ги одушевија гостите од Европа, Америка, Австралија, а организаторите очекуваат за време на овие денови да се испие повеќе од шест милиони литри пиво.

Октоберфест се одржува скоро два века, а се започнало со прославата која во 1810 година ја приредил баварскиот престолонаследник Лудвик во чест на венчавката за Тереза вон Сашен-Хилдбургхаусен. Оттогаш и ливадите, кои во 19 век се наоѓале надвор од градот, а сега се во самото средиште, на кои се одржува Октоберфест се нарекуваат ливадите на Тереза.