Отворен нов пункт на ИМП во Чучер Сандево

Нов пункт на Итна медицинска помош (ИМП) е отворен во општина Чучер Сандево, која опфаќа 14 населени места со 20.000 жители. Станува збор за осми по ред пункт на ИМП на подрачјето на Скопје. Пунтот е лоциран во амбулантата Сандево, ќе работи 24 часа, ќе има по еден тим и едно возило, пренесува МИА.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети пунктот по што изјави дека со неговото отворање ќе се овозможи сериозно намалување на времето на одговор на повик на ИМП за сите жители во овој дел, имајќи предвид дека порано тој бил покриен со екипи на ИМП од Чаир на кои многу често им биле потребни 45 минути, некогаш и еден час за да одговорат на повикот.

Тоа резултираше со недоверба во Итната медицинска помош и со потребата некогаш луѓето сами да ги носат лицата кои се во лоша здравствена состојба со сопствени возила во некои од болниците во Скопје. Тоа е товар за семејствата од една страна, но исто така многу често и непотребно пациенти се носеа во клиника или во болница, потенцира Тодоров.

Во општина Петровец, нагласи, дисталниот пункт што го отворивме покажа дека времето на одговор на повик се намали на 5-10 минути од претходните 35, 45 минути.

Очекувам истиот ефект да го имаме и тука со отворањето на ИМП во Чучер Сандево, па времето на одговор на повик од 45 минути, а во зимски услови некогаш и над еден и пол час, да се скрати на 5, 10 до 20 минути, што е значително скратување на времето на чекање на одговор на ИМП и ќе помогне за дополнително скратување на времето на одговор на ИМП и во градот Скопје, рече Тодоров.

Посочи дека се очекува амбулантата, каде е сместен пунктот, и каде работи матичен лекар, а наскоро ќе има и матичен стоматолог, сериозно да заживее.

Отворањето на дисталните пунктови, појасни, се овозможи како резултат на еден од најголемите проекти за инвестиции во ИМП кои ги имаме во Здравствениот дом Скопје.

Со тој проект двојно се зголеми бројот на тимови кои ги имаше ИМП од 25 на 50. Тоа ни овозможи отворање на вакви дистални пунктови на повеќе места во градот, рече Тодоров и додаде дека во тек и набавка на нови 12 амбулатни возила.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека во последните четири години отвориле четири дистални пункта и тоа во Драчево, Ѓорче Петров, Петровец и денеска во Чучер Сандево.

Стратегијата за јакнење на капацитетите на здравствената заштита во дисталните поликлиники придонесува да ги доближуваме здравствените услуги. Ги следиме потребите на заедницата. Целта ни е да го скратиме времето на одговор и во делот на примарната здравствена заштита која е задолжителна за секој граѓанин преку матичните лекари, преку проектот на рурален доктор и сега со овие дистални пунктови навистина ја доближуваме здравствената услуга до граѓаните, истакна Баевска Вучковиќ.

Посочи дека планираат пунктот во Сарај да почне со работа идниот месец со пуштање во употреба на новата зграда на општината.

Тој ќе биде времен пункт кој ќе го користиме како простор се до формирање на поликлиника во таа општина. Тогаш ќе имаме статичен наш деветти дистален пункт и на тој начин територијата на град Скопје ќе биде комплетно покриена со рационална искористеност на екипите и достапност кога се најпотребни, додаде Баевска Вучковиќ.

Жителите од општина Чучер Сандево изразија задоволство од отворањето на новиот пункт на ИМП.

Ако ова население 50 години немаше вакво нешто, тоа значи дека ова е нова димензија и благодет за населението, изјави жител на Чучер Сандево.