Отворена фабриката за вода во Гари, нова инвестиција од 14 милиони евра

 Во близина на дебарското село Гари денеска е отворена фабриката за производство на флаширана вода за пиење „Maya“ на хрватската компанија Мали Лошињ. Почетната инвестиција изнесуваше 300.000 евра, а проценетите 7,7 милиони достигнаа 14 милиони евра за 3,5 години, колку што траеше процесот на реализација.

Моментниот број од 25 вработени, според најавите на инвеститорот, треба да се зголеми за многу кратко време, а дневното производство на флаширана вода може да достигне и до 200.000 литри за осумчасовна смена.

– Денешниот свечен чин е финален производ од сите наши заложби и политики, а оваа инвестиција е од огромно значење не само за Гари и за Дебар, туку и за целиот Западен регион, во насока на рамномерен и одржлив економски развој, рече во обраќањето министерот за економија Дритон Кучи.

Според него, со оглед на фактот што инвестициите и извозот се клучните столбови на одржлив економски раст на Македонија, посебно е значајно што произведената вода во оваа фабрика е првенствено наменета за извоз, кој е веќе дефиниран, главно во соседните и арапските земји, Хрватска и Русија.

– Посебно е важно што се посвети огромно внимание на квалитетот и стандардите, па се доби висококвалитетна премиум вода, произведена по најмодерна технологија, што ја прави конкурентна за пробирливиот светски пазар, додаде Кучи.

Во име на компанијата Мали Лошињ пред присутните се обрати Кујтим Деари. – Инвестицијата што тука ја почнавме од темели пред околу три години, денеска, благодарение на двајцата инвеститори од Република Хрватска, Дашмир Абдија и Бранимир Којиќ, доби лик на една од најмодерните, најсовремените и технолошки најопремените фабрики во Македонија и во регионот, нагласи Деари.

Министерот за странски инвестиции Горан Мицковски го потенцираше значењето на водата како ресурс на иднината. – За нашава економија е посебно значајно што инвестициите континуирано растат, а тоа значи и отварање нови работни места со што се придонесува кон намалување на невработеноста и зголемување на животниот стандард, нагласи Мицковски.

Градоначалникот на Дебар Ружди Лата беше дециден дека ниту еден инвеститор имал, ниту ќе има административни проблеми во Дебар. – Сите се добредојдени и за сите стоиме на располагање, подвлече Лата.

Меѓу присутните што го поздравија отворањето на фабриката „Maya“ беа и амбасадорката на Република Хрватска Данијела Баришиќ, лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, како и повеќе министри и претставници на политичкиот и деловниот живот.