Папата Франциско повика на прекин на прогонот на христијани

Папата Франциско денеска повика на прекин на прогонот на христијани во своето обраќање по повод Велигден, оддавајќи почит на студентите убиени во масакрот на исламски екстремисти на универзитетот Гариса во Кенија.

Според долгогодишната традиција, папата по завршување на мисата, од балконот на базиликата Свети Петар на верниците им упати велигденска порака „Урби ет Орби“ во која се осврна на светските проблеми.

Папата Франциско во своето обраќање го поздрави нуклеарниот договор постигнат меѓу Иран и меѓународната заедница минатата недела во Лозана, оценувајќи го како можност светот да се направи побезбеден.

Папата од друга страна изрази длабока загриженост поради крвопролевањето во Либија, Јемен, Сирија, Ирак, Нигерија и други делови на Африка. – Бараме мир за овој свет изложен на трговци со оружје, кои заработуваат на крвта на мажи и жени, истакна папата Франциско.

Пред десетина илјади верници, кои присуствуваа наспорти лошото време, папата ја повика меѓународната заедница да не стои мирно во време на голема хуманитарна трагедија во Сирија и Ирак.

Папата се помоли грмењето на оружје да престане и мирните односи да бидат обновени меѓу разни групи кои живеат во Сирија и Ирак и ја повика меѓународната заедница да реагира на хуманитарната трагедија во овие држави и големиот број бегалци.

Папата Франциско, исто така, го отфрли апсурдното крвопролевање и сите варварски насилни дела во Либија и изрази надеж дека заедничката желба за мир ќе надвладее во Јемен, кој се соочува со граѓанска војна.

Папата нагласи дека млади луѓе, од кои многу цел бидејќи се христијани, се убиени минатата недела на кенискиот универзитет и ирази жалење поради киднапирањата зад кои стојат исламски екстремисти во делови на Африка, вклучително Нигерија.

По завршување на церемонијата дождот престана, а папата со отворен автомобил мина низ плоштадот и се поздрави со насобраните верници.

papa1

Околу 1.500 лица се собраа денеска во Ерусалим, околу т.н. Гробница во градината, за да го прослават Велигден, денот во кој христијаните веруваат дека Исус воскреснал откако претходно бил распнат.

Христијани од целиот свет се собраа околу гробницата во карпата, покрај ридот за кој се смета дека бил можното место на распнувањето и воскресението.

Смесетана во источниот дел на Ерусалим, кој Израел го освои во шестдневната војна во 1967 година, таа гробница првпат е откриена во 19. век и наскоро стана популарна алтернатива на Црквата на Светиот гроб.

Според христијанската традиција, Исус е распнат, погребан и воскреснал на местото каде е изградена таа црква во ерусалимскиот стар град. Гробницата во градината ја пронашол британскиот генерал Гордон во 1894 година.

Христијаните кои се раководат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Велигден, додека православните христијани, кои го почитуваат Јулијанскиот календар, тоа ќе го прават следната недела.