ПАРОН: Венизелос на НАТО состанокот се соочи со непријателска американска дипломатија

Драма во грчка режија се случувала и на маргините на последниот НАТО состанок во Брисел поради користењето на нашето уставно име во завршната Декларација, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

На демонстративното напуштање на состанокот од страна на шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос му претходеле брканици и убедувања со американскиот колега Џон Кери, на паузите од состанокот. Според весникот „Парон“, грчкиот министер Евангелос Венизелос го „бркал“ американскиот колега Џон Кери на паузите за да го убедува и да му ја објаснува грчката позиција, но ова завршило без успех и со резултат навредлив за Грција.

– Ова е еден од ретките случаи кога наместо „Скопје“ да биде исклучено од меѓународната соработка, Грција беше принудена да замине за да не мора да седне на иста маса со Македонија, која што овој пат со благослов од Соединетите Американски Држави го потпиша текстот од Декларацијата заедно со 58 други земји”, се вели во текстот на „Парон“.

Дел од „вината“ за ваквиот исход од состанокот на Алијансата, „Парон“ го лоцира во грчката амбасада во Вашингтон затоа што не го најавила овој потег на Американците.

– Веројатно, никогаш нема да се случи да ви се јават од Стејт Департментот за да ви ја објаснат својата политика и да ви откријат што ќе прават во врска со Грција, коментира „Парон“, додавајќи дека Американците по инструкции на Стејт Департментот во Декларацијата ја запишале ПЈРМ како Македонија, изненадувајќи го Венизелос кој што предходно не бил информиран за ова.

Весникот открива дека Венизелос се соочил со многу непријатно искуство за него и неговата земја, кога одеднаш се нашол соочен со целосно непријателска американска дипломатија на НАТО состанокот од високо значење.