Патниците од фериботот евакуирани, извлечени се 5 мртви тела

Евакуирани се сите патнци од фериботот „Норман Атлантик“, што вчера беше зафатен од пожар во Јадранско Море, соопшти денеска премиерот на Италија Матео Ренци, пренесува ДПА.

Според Ренци на бродот се останати само капетанот и четворица италијански морнари, кои помагаат во спасувачката операција.

Најновите податоци покажуваат дека 414 лица се спасени, а откриени се пет тела. Еден од загинатите е Грк, а идентитетот на останатите четворица не е познат.

Спасувачите со хеликоптер ги евакуираа патниците од горната палуба на фериботот, кој слободно се движење на отворено море меѓу Албанија и Италија. Спасувачката операција беше отежната поради силните ветрови и врнежи. Во операцијата учествуваа грчки и италијански хеликоптери.

Причините за пожарот се уште не се познати. Според грчката крајбрежна служба се претпоставува дека пожарот избувнал во гаражниот простор.