Политика

Пендаровски: Еднаквоста, слободата и правдата ќе ми бидат основни начела

Пендаровски: Еднаквоста, слободата и правдата ќе ми бидат основни начела

Еднаквоста, слободата и правдата ќе бидат основните начела од кои нема да отстапам, порача претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски на синоќешната промотивна конвенција во Универзалната сала во Скопје.

„Тоа се темелни вредности поради кои нема да правам компромиси со ниту една политичка сила. Македонија не заслужува да биде роб на нечии неразумни стравови и фрустрации. Таа заслужува да оди напред“, истакна Пендаровски.

Според него, никој не треба да биде отфрлен ако верува во друга партија бидејќи, како што рече, Македонија за секого од нас е најважната партија.

„Мојот концпет е јасен – наспроти досегашното бледило, нудам активност на функцијата претседател. Ветувам дека ќе ги користам уставните надлежности за да ги заштитам човековите права, правата на сите граѓани без исклучок“, напомена Пендаровски.

Оцени дека нема единство меѓу народот и оти Македонија заслужува да оди напред, наместо, како што рече, да се потчинува на чии било интереси.

„Сите граѓани се еднакви и заслужуваат подобар живот. Проблемите внатре може да ги решаваме, а во сојуз со партнерите од светот, преку интегрирањето на земјата, да кроиме подобра иднина. Етничката или политичко-партиската припадност не смеат да бидат битни. Немаме повеќе граѓани за губење, оваа раселување на младите не смее да продолжи“, нагласи Пендаровски.

Пред присутните се обрати и неговата сопруга Елизабета Георгиевска, посочувајќи дека Пендаровски е пожртвуван и благороден човек кој потекува од скромно семејство каде трудољубивоста, човечноста и добрината се поважни од се.

„Верувам дека Македонија го заслужува Стево“, рече Георгиевска во своето обраќање.

На конвенцијата под мотото „Македонија заслужува претседател“ зборуваа и музичарот Златко Ориѓански, актерката Синоличка Трпкова, режисерот Слободан Унковски, ракометарката Наталија Тодорoвска и актерот Владимир Лазовски. Сите од свој аспект кажаа зошто Македонија заслужува претседател како Пендаровски.