Пешевски ги посети поплавените подрачја во Куманово (ВИДЕО)

Пешевски ги посети поплавените подрачја во Куманово
Пешевски ги посети поплавените подрачја во Куманово

Заменикот претседател на Владата, Владимир Пешевски, заедно со пратеникот Зоран Ѓеорѓиевски, директорот на дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу и раководителот на подрачниот Центар за управување со кризи, Горан Стојановски, денеска изврши увид на состојбите во поплавените подрачја во Куманово.

За време на увидот вицепремиерот оствари средби со граѓаните од населбата „Јоска Илиевски“, во која по вчерашните врнежи се поплавени триесетина објекти како и локални улички. Вицепремиерот Пешевски искажа длабока емпатија со граѓаните поради нивната ситуација, а со цел побрзо надминување на ситуацијата во населбата, извршија координација со директорот Салиу да се донесе дополнителна опрема за побрзо испумпување на водата .

-За среќа нема човечки жртви, предизвикана е ограничена материјална штета, сепак штетата највеќе ги боли оние на кои им е нанесена. Потполно ги разбирам проблемите на граѓаните и ќе помогнеме побрзо да ги надминеме, потенцираше Пешевски.

Вицепремиерот Пешевски изврши увид во штетите и во близина на стадионот „Башкими“, каде што водата од прелеаниот канал го поплави стадионот и 10 објекти во околината.

-Долготрајниот дожд, но и ненавремената превенција од страна на локалните власти, како и несовесното однесување на мал дел од граѓаните доведоа до тоа да каналот прелее и куќите бидат под вода. Сепак службите вклучени во расчистувањето на поплавите ќе работат и тука, за да нормализираат состојбите во најскоро време, подвлече тој и додаде:

-Владата додели определени количини на нафта на сите општини, дел е доставена, а дел ќе се достави во текот на неделата, активностите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување продолжуваат да се одвиваат на терен, а по расчистување на теренот, ќе се обидеме да најдеме решенија, доколку е тоа технички можно, да ги намалиме ризиците да не се повторуваат вакви ситуации, потенцираше Пешевски.

Тој апелираше до локалните власти во најкус можен рок да ја формираат комисијата за проценка на штета и да излезат на терен, за да им помогнат на загрозените жители.

Вицепремиерот Пешевски посетата ја заврши со посета на шумското стопанство во Куманово каде се поплавени 15 хектари земјоделско земјиште.

Во текот на вчерашниот ден врнежите достигнаа до 70 литри на метар квадратен во кумановскиот регион и предизвикаа поплавување и на автобуската станица во Куманово, дел од населбата Добршане, с. Бедиње, с Лопате и с. Режановце.