Пет собраниски комисии денеска ќе одржат седници

Во Собранието денеска седници ќе одржат Законодавно-правната комисија, како и комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за европски прашања, за транспорт, врски и екологија и за култура.

Законодавно-правната комисија ќе расправа по предлог-законите за користење на податоците од јавниот сектор, за изменување и дополнување на Кривичниот законик, двата во второ читање. Дневниот ред на Комисијата е дополнет со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство во прво читање, како и со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности, во второ читање.

Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе ги разгледаат предлог-законите за користење на податоците од јавниот сектор, и за изменување и дополнување на Кривичниот законик, двата во второ читање.

На дневен ред на Комисијата за европски прашања е Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење бензини во прво читање.

Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправа по Годишна програма за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2014 година.

На дневен ред на Комисијата за култура се Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство во прво читање и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности во второ читање.