Александар Петровиќ повеќе не е тренер на Карпош соколи откако во текот на вчерашниот ден си заминал од кормилото на клубот. Овој стручњак самиот си поднел оставка од функцијата шеф на стручниот штаб, па “соколите” во Супер-лигата ќе бидат предводени од друг стратег.
“Точно е дека си поднесов оставка од тренерската функција. Одлуката ја донесов бидејќи сметам дека најдобро за клубот во моментов е јас да си заминам од кормилото. Му посакувам на тимот на Карпош соколи многу среќа во иднина” – изјави Петровиќ за ЕКИПА.
Ова беше втора сезона за Александар Петровиќ на клупата на Карпош соколи, тим што токму сезонава покажа зголемени амбиции со ангажманот на неколку квалитетни кошаркари. “Соколите” моментно се наоѓаат на делба од третото до петтото место со идентичен скор од девет победи и пет порази како и Куманово и Фени индустри.