Русија: Платеници од САД воено ја подготвуваат власта во Украина

Руското Министерство за надворешни работи побара под итно да се прекине со сите воени подготовки во Украина, што можат да предизвикаат граѓанска војна.

 – Има информации дека во југоисточните региони на Украина, вклучувајќи го и Доњецк, се трупаат единици на внатрешните војски и националната гарда на Украина со учество на борци од националистичкото движење „Десен сектор“, се наведува во соопштението на Министерството објавено на Фејсбук.

Според Министерството, особена загриженост предизвикува ситуацијата дека во овие операции се вклучени околу 150 американски специјалци од приватната воена организација „Грејстоун“, кои носат униформи на борци од единицата „Сокол“. – На овие специјалци им е поставена задача со сила да ги задушат протестите на жителите на југоисточните региони против политиката на сегашните киевски власти, се додава во соопштението.

Организаторите и учесниците во оваа провокација преземаат огромна одговорност, создавајќи закана за правата, слободите и животот на мирните граѓани на Украина и за стабилноста на украинската држава, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.