Поголема плата за вработените во Градот кои користат велосипеди или автобуси

Градските советници денеска ќе дискутираат за преземање мерки во случај на големо загадување на воздухот, кога концентрацијата на штетните честици во воздухот ќе ја надминат дозволената гранична вредност 10 дена по ред.

Градоначалникот Коце Трајановски, пред почетокот на седницата,сепак напомена дека градската власт не може самостојно да донесува одлуки за преземање на конкретни мерки во случај на енормно аеро загадување, туку, само во соработка со надлежното Министерство за животна средина. Законска надлежност на Градот во вакви ситуации е да дава препораки до граѓаните, зголемени инспекциски контроли на индустриите со Б интегрирана дозвола и на градилиштата.

Сепак од годинава, Градот ќе почне со реализација на една конкретна мерка, ќе ги прска улиците со калцеум магнезиум ацетат, супстанција која ги лепи штетните ПМ 10 честици за асфалтот и не дозволува нивно ширење.
„Сите можни мерки за справување со загадениот воздух се ставени на дискусија пред стручните служби и на комитетот за животна средина и за здравје. Во однос на мерките градот ги пласира препораките, а за нивно донесување врзани сме со надлежното министерство“, вели Трајановски.

Тој посочи дека Градот ги поттикнува своите вработени да користат јавен превоз, со тоа што на сите кои ја практикуваат оваа препорака имаат 3 отсто зголемување на платата.

Опозицијата предлага Градот да субвенционира алтернативни извори на греење за помала загаденост и бесплатен јавен превоз без да се чека 10 дена континуирано аерозагадување.