Попоски на министерска конференција во Солун

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска во Солун ќе учествува на министерската конференција ЕУ-Западен Балкан, што ја организира грчкото претседателство со Унијата.

 Пред почетокот на состанокот, Попоски ќе има работен појадок со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

„Со оглед на претстојните европски избори и новиот петгодишен мандат на Европскиот парламент и Комисијата , важно е ЕУ и земјите од проширувањето во Западен Балкан да ја потврдат нивната посветеност на европската перспектива“, соопшти грчкото претседателство во најавата за настанот.

Според Атина, „во исто време важно е да се утврдат начините на понатамошно промовирање на европската агенда на регионот, вклучувајќи го и директното позитивно влијание врз животот на граѓаните, без разлика на или паралелно со напредокот што е постигнат во процесот на пристапување на нивните земји“.

Дискусиите на министерскиот состанок во Солун ќе имаат политички и оперативен елемент и затоа се поделени во две сесии.