Порошенко бара распоредување мировни сили на ОН во Источна Украина

Украинскиот Совет за национална безбедност го одобри синоќа предлогот на претседателот Петро Порошенко во зоната на конфликтот во Доњецкиот басен во Украина да се повика мировен контингент.

– Донесена е одлука за обраќање во ОН и ЕУ за распоредување операции за поддршка на мирот и безбедносна во Украина, рече секретарот на СНБО Александар Турчинов.

Порошенко претходно побара распоредување мировни сили во Источна Украина, за да може да се обезбеди прекин на огнот.

Според Порошенко, мировниците би помогнале да се гарантира безбедноста, во „ситуација кога ветувањата за мир не се одржуваат“.

Ваквото барање на украинскиот претседател доаѓа по повлекувањето на армиските сили на Украина, од опасадата во која се најдоа во реонот на стратешкиот град Дебалцево, за кој неколку недели се водеа борби меѓу украинската армија и сепаратистите.

Борбите продолжија и по формалното стапување на прекинот на огнот на 15 февруари на полноќ, како што тоа го предвидуваше договорот од Минск.

Претседателот Порошенко наредил повлекување на украинската војска, во ноќта меѓу вторник и среда, а до вчера попладне од опкружувањето во реонот на Дебалцево,кон градот Артемивск се повлекле околу 2.500 Украинци, заедно со воената техника и тешкото вооружување што го имале со себе.

Западните медиуми го означуваат повлекувањето на украинските сили како „пораз“„ но во Киев се тврди дека целата операција била планирана и дека е изведена организирано.

Засега не се се знае колкав е бројот на жртвите. Претседателот Порошенко изјави дека во борбите имало шестмина загинати украински војници и стотина повредени. Претходно, виско воен функционер на војската тврдеше дека само во последните три дена,имало 22 убиени украински војници.

Портпаролот на бунтовниците, Едуард Басумин изјави дека Дебалцево е под целосна контрола на сепаратистите, но потврди дека во „некои џепови“ во градот и натаму се пружа отпор. Басумин рече дека кај нив има повеќе од 300 заробени украински војници.

Дебалцево е град од 25.000 жители, но дека во време на најтешките борби останале само околу седум илјади. Во градот нема струја, а се чувствува недостиг од вода и храна.

Официјален Вашингтон соопшти дека двете страни во конфликтот, не успеаја да го исполнат договорот за прекин на огнот. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, сепак, тврди дека Дебалцево и не било дел од договорт,затоа што градот бил во рацете на сепаратистите кога тој е направен.