Фабриката „Југохром“ доби нов дополнителен рок за воведување на новите еколошки стандарди, јави порталот „Фактор“.
За време на дополнителниот рок нема да работи целата фабрика, туку само еден дел од погоните.
„Југохром“ и „Макстил“ првично требаше до 31 октомври да ги спроведат еколошките стандарди.
Комбинатот за феролегури „Југохром“ од Јегуновце вчера побара уште две години продолжување на рокот до кој треба да ги воведе потребните еколошки стандарди за да обезбеди А-интегрирана еколошка дозвола.
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска истакна дека со намалувањето на производството во Југохром од Јагуновце Владата водела сметка и за социјалниот момент за работниците и нагласи дека иако ќе биде намалено производтсвото Југохром нема да има право да го намали бројот на работници под 1100 од моменталниот 1250 работници. Југохром 150 работници ќе може да ги прераспредели на други работни позиции, а доколку бидат отпуштени на привремен одмор тоа ќе може да биде најмногу 6 месеци и потоа ќе има обврска да ги врати на работа.
Пешевски образложи дека на овој чекор со преполовување на производството на Југохром се одлучиле бидејќи ако Југохром бил затворен никогаш немало да бидат исполнети еколошките стандарди, работниците ќе останат на улица, а регионот мртов. Тој потенцираше дека 1250 семејства живеат директно од Југохром и уште 4000 семејства како кооперанти. Со ваквата мерка ќе се намали загадувањето, а работнците ќе ги зачуваат своите работни места.
Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири истакна дека со овие мерки нема целосно да бидат исполнети еколошките стандарди во Тетови, но одлуката е условна и предвидува исполнување на конкретни чекори, а ќе има и силни контроли.