Продолжува штрајкот на судската администрација

Продолжува штрајкот на судската администрација
Продолжува штрајкот на судската администрација

Штрајкот на вработените во судската администрација продолжува и денеска и ќе трае се до исполнување на барањето за исплата на додатоци на плата во висина од 35 проценти, изјави денеска претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пеце Грујовски.

Тој информираше дека во текот на вчерашниот ден имале средба со министерот за правда и оти очекува во понеделник да се сретнат и со претседателот на Судскиот совет со цел да преговараат како да се реши нивното барање.

–  Доколку во понеделник не се случи средба со надлежните на која ќе преговараме, ќе ги радикализираме нашите барања. Имаме основа за тоа бидејќи сега имаме Парламент кој работи и може да ги актуелизираме и другите барања коишто ги најавивме со штрајкот на 3 декември, рече Грујовски.

Тој нагласи дека вработените во Основниот суд во Кочани штрајкуваат, додека во Крушево и во Гевгелија не се штрајкува затоа што таму Синдикатот на УПОЗ нема синдикални организации.

За Основниот суд Скопје 1, каде вчера не се штрајкуваше, Грујовски рече дека вработените одржале состанок и оти денеска ќе се приклучат на штрајкот, но оти се врши притисок врз нив да не штрајкуваат. Тој најави дека ќе се разгледа можноста за да поднесат кривични пријави против претседателот и секретарот на судот и претседателот на синдикалната организација за оневозможување на штрајкот.

– Не сакаме да се намалат ничии плати. Бараме само судските службеници да го добијат она што им следува, рече Грујовски.

Тој го повика и Здружението на судии да не ги поддржува само декларативно вработените во судската администрација.

Во судовите за време на штрајкот се примаат само итните предмети, а вработените штрајкуваат во текот на целото работно време со тоа што два часа излегуваат и пред судовите.