Протести „За заедничка Македонија” во Пехчево и Берово

Граѓани на Пехчево со транспаренти и со македонското знаме, по трет пат вечерва излегоа на протест за поддршка на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Од протестот беше испратена порака за отфрлање на туѓата платформа и за одбрана на уставните симболи на државата.

– Која химна сакаат да ја менуваат? Ова ли знаме сакаат да го менуваат? Во химната и знамето се содржи целата борба на македонскиот народ за една самостојна суверена држава, држава родена од крвта на нашите предци. Тие се нашиот идентитет и од нив не се откажуваме лесно. Во моментов се протестира во 33 градови и 150 илјади луѓе се на улица и сите тие заедно кажуваат не за двојазичност и за менување на уставниот карактер на државата. Нема да им пројде на таканаречните аналитичари констатацијата дека овие луѓе се изманипулирани. Како не ви е срам, излезете од телевизиските студија и дојдете овде во очи да им го кажете тоа на овој народ, рече Александар Парасков, поддржувач на граѓанската иницијатива од Пехчево.

Протест по деветти пат вечерва беше одржан и во Берово.