Путин откри кои се неговите фаворити на мундијалот во Русија

Рускиот претседател Владимир Путин откри кои се неговите фаворити за освојување на титулата светски фудбалски шампион на првенството коешто започнува на 14-ти јуни во Русија, а тоа се, според азбучен ред – Аргентина, Бразил, Германија и Шпанија.

„Тоа е тешко прашање (кој ќе ја освои титулата). Има многу ривали. Тука се јужноамериканските селекции Аргентина и Бразил. На последното првенство Германија играше одлично, а Шпанија е преубав фудбалски бенд. Сигурно ќе има и други кандидати, но само најдобриот ќе победи“, вели Путин во интервјуто за кинеската медиумска групација China Media Group.

Рускиот челник ја коментираше и лошата форма на репрезентацијата на Русја којашто во подготвителниот период во седум натпревари не забележа победа, но мора да се признае дека се сретна со некои од најсилните селекции.

„За жал, нашата репрезентација во последно време е без добри резултати. Но навивачите и сите вљубеници во фудбалот во Русија се надеваат дека репрезентациајта добро ќе се покаже, дека ќе игра модерен, интересен и убав фудбал и дека ќе се борат до крајот“, рече Путин.

Домаќинот Русија ќе го отвори мундијалот на 14-ти јуни со натпреварот против Саудиска Арабија, првиот ривал од Групата А во којашто се уште и Египет и Уругвај, што се смета за една од послабите според квалитетот групи на турнирот.