Путин вети дека ќе ги подигне односите со Северна Кореја на повисоко ниво, KCNA

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе ги подигне односите со Северна Кореја на повисоко ниво и вети безрезервна поддршка за земјата, објави севернокорејската државна агенција KCNA пред неговата посета на оваа земја во азиско-пацифички регион кој последните години особено е сцена на покажување мускули.

Во писмото објавено во севернокорејскиот весник Rodong Sinmun, весникот на владејачката Работничка партија, Путин истакнува дека во текот на изминатите 70 години двете земји развиле добри односи и партнерство засновани на еднаквост, меѓусебно почитување и доверба.

Путин ѝ се заблагодари на Северна Кореја за поддршката на руската специјална воена операција во Украина, како што Русија ја нарекува војната што ја започна пред две години, и вети поддршка за напорите на Пјонгјанг да ги брани своите интереси и покрај, напиша тој, „притисок, уцена и воени закани од САД“.

Написот беше објавен еден ден откако двете земји објавија дека Путин ќе ја посети Северна Кореја првпат по 24 години и раното заладување на односите меѓу Москва и Пјонгјанг. Посетата треба да трае два дена, почнувајќи од вторник, а потоа споре најавите Путин ќе отпатува за Виетнам.

Руската агенција ТАСС пренесе дека рускиот претседател нагласил дека соработката меѓу двете земји ќе биде уште поблиска, што ќе го зајакне нивниот суверенитет и ќе ги обедини во отпорот на притисокот од Западот. Во написот, како што пренесува ТАСС, Путин посочил дека Северна Кореја била и останува „сигурен партнер“ кој размислува „на сличен начин“ како Русија.

Русија и Северна Кореја ќе потпишат „важни документи“ за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Северна Кореја во вторник и среда, објави во понеделникот Кремљ, споменувајќи дури и можно потпишување договор за „стратешко партнерство“.

Путин во вторник доцна навечер ќе пристигне во Пјонгјанг, а официјалната програма на посетата ќе се одржи во среда, изјави за новинарите дипломатскиот советник на рускиот претседател Јуриј Ушаков. Ќе бидат потпишани „важни документи, многу значајни“, рече тој, споменувајќи дури и „можно склучување договор за глобално стратешко партнерство“.

„Тој договор, доколку биде потпишан, секако ќе биде условен од длабоката еволуција на геополитичката ситуација во светот и регионот и квалитативните промени што неодамна се случија во нашите билатерални односи… Страните сè уште работат на тоа и конечната одлука за неговото потпишување ќе биде донесена во следните неколку часа“, рече Ушаков како што пренесуваат руските агенции.

Според истиот извор, Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, исто така, ќе дадат „изјави за печатот“.

Путин ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за одбрана Андреј Белоусов. Во делегацијата ќе бидат и двајца вицепремиери и директорот на руската вселенска агенција Роскосмос.

Двете земји, подложени на широки западни санкции, значително ги подобрија билатералните односи од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Посетата ќе дојде девет месеци откако Путин беше домаќин на севернокорејскиот лидер на рускиот Далечен Исток. Тогаш не потпишаа никакви официјални договори.