среда, 7 декември 2016  |  Вести денес: 19

Работилница на тема: правилно користење на детски седишта во автомобил

Во Детската градинка „Пролет“ во населбата Козле, општина Карпош, денеска со едукативна работилница започна реализација на проектот „Секое дете во детско седиште за автомобил“, кој има за цел да ја подигне безбедноста на малите деца кои се превезуваат во автомобил.

1200x600

Поврзани вести

Проектот ќе се реализира до декември годинава, а во неговите рамки ќе се одржат работилници уште во 17 детски градинки од Градот Скопје. Темата на работилницата е „Правилен избор, инсталација и користење детски седишта за автомобил“, која треба да ги обучи родителите на деца до петгодишна возраст правилно да го инсталираат седиштето во својот автомобил.

Проектот го спроведува Авто мото сојузот на Македонија во соработка со Министерството за труд и социјална политика, МВР и Републичкиот совет за безбедност на патиштата и сообраќајот.

Активностите предвидени со проектот „Секое дете во детско седиште за автомобил“, како што информираат од АМСМ, се насочени кон зголемување на свеста на родителите на децата до петгодишна возраст за користење детски седишта во автомобил, правилен избор и нивно поставување со цел поголема безбедност на децата во сообраќајот и намалување на децата-жртви во сообраќајни незгоди.

Информациите на АМСМ покажуваат дека на глобално ниво детските седишта во случај на сообраќајна незгода ја намалуваат смртноста и повредите кај децата во 71 отсто од случаите. Но, од друга страна дури 75 проценти од родителите детските седишта за автомобил  погрешно ги поставуваат или погрешно ги користат.

Со измените во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од 2015 година, во член 164 предвидено е дете помало од пет години при превезување во патнички автомобил на задно седиште да биде поставено во посебно детско седиште кое за седиштето од возилото ќе биде прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин. Со истиот член предвидено е превезувањето на дете до две години да биде на предното седиште во автомобилот, во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење и прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување, но под услов возилото да нема заштитно воздушно перниче или воздушното заштитно перниче да биде исклучено.

Употребата на детски седишта за автомобил е регулирана со закон во речиси сите поразвиени земји во светот. Од соседните и балкански земји, во Србија и Бугарија детското седиште е задолжително за деца до 3 години, во Албанија е задолжително за деца до 4 години, во Грција е задолжително за деца до 11 години, во Хрватска е задолжително за деца до 5 години, а во Словенија е задолжително за деца со висина до 1,5 метар.  Во западноевропските земји регулативата за користење детско седиште во автомобил е уште порестриктивна.  Во Германија и Австрија, детските седишта и специјалните ремени се задолжителни за деца до 14 годишна возраст и пониски од 1,5 метар. Оттука, старосната граница на децата, кога станува збор за детски седишта во автомобил, е различна во секоја земја, но задолжителна е усогласеноста на регулативата со стандардот ECE 44 од 2003 година.

АМСМ како единствена членка на ФИА (Меѓународната автомобилистичка федерација) од Република Македонија има пристап до ФИА Фондацијата и ФИА грант програмите за поголема безбедност на патиштата. Како резултат на ова, а во конкуренција на проекти од повеќе авто-мото клубови,  проектот на АМСМ  „Секое дете во детско седиште за автомобил“ бил еден од избраните мали проекти за ко-финансирање од страна на ФИА.

Најчитани вести