Ракометарите на Вардар и Металург доминираат во дрим-тимот на СЕХА лигата

Вардар и Металург играа одлично во СЕХА-лигата во октомври, па нормално е што токму нивните ракометари доминираат во идеалниот тим за изминатиот месец во регионалното натпреварување.

Арпад Штербик е избран за најдобар голман во октомври, наградата за најдобро лево крило замина кај Тимур Дибиров, додека Раул Гонзалез го доби признанието за најдобар тренер во изминатиот месец.

И тимот на Металург има свој претставник во овој „дрим-тим“, а тоа е Лука Циндриќ, кој ги игра одлично натпреварите во СЕХА-лигата. Хрватот постигна девет гола против Војводина, на нив додаде четири погодоци на мечот со Борац, што беше доволно за да биде избран за најдобар среден бек во СЕХА во октомври.

Останатите играчи во „дрим-тимот“ за октомври се десното крило на Мешков, Симон Разгор, пивотот на Веспрем, Андреас Нилсон, левиот бек на Војводина, Серџо Датукашвили и десниот бек на Татран Прешов, Даинис Кристопанс.