Раст на извозот од 6,3 проценти

Од почетокот на годинава заклучно со септември извозот на стоки од Македонија бележи раст од 6,3 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци, вредноста на извозот на стоки изнесува 3.547.530.000 американски долари.  Вредноста на увезената стока, во истиот период, изнесува 4.969.477.000 американски долари што е за 6,8 отсто повеќе во споредба со тој период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-септември 2016 година, изнесува 1.421.947 илјади  американски долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивните легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Во периодот јануари-септември 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.с