Ристовски: Ќе се градат 3 студентски домови, а се работи и на отворање 2 нови универзитети

Заменик министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски денеска на прес конференција истакна дека се работи на отворање на два нови универзитети и додаде дека ќе се градат три нови студентски домови.

Отворивме 2 нови државни универзитети, 25 факултети и 65 дисперзирани студии. На отворањето на уште два нови универзитети работиме во моментов. Треба да започнат со работа од идната академска година, односно очекуваме значителен придонес од нивна страна кон придонес во високо образовната сфера во земјата и кон создавање на високо квалитетен кадар. Партиципацијата за студирање неколкукратно ја намаливме и унифициравме. Од некогашните 1000 – 1200 евра, сега на факултет може да се студира за 200, односно 400 евра. Така што, високото образование стана достапно за секој граѓанин, па и за возрасните кои во минатото поради финансиски или некој други причини, не успеале да го заокружат својот образоввен процес , а сега им е достапен проектот 30/35.

Во меѓувреме, додаде Ристовски, започнавме со капитални инвестиции за подобрување на условите во студентските домови.

-Работа има уште многу на тоа поле. Но, сепак, би споменал дека владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ е единствената која изгради нови сместувачки капацитети во рамки на студентскиот дом Стив Наумов, единствената која се заложи за темелна реконструкција на постојните домови. Во тек е етапна реконструкција на најголемиот студентски дом Гоце Делчев. По целосното завршување на првата фаза, која предвиде реконструкција на Блокот Б, сега во тек е втората реконструкција на односно реконструкцијата на блокот А. Потоа ќе следат и останатите два блока В и Г и мензата кои што треба да бидат заокружени во 2017 година односно целиот процес на оваа реконструкција да се заврши во текот на 2017 година со комплетна буџетска инвестиција од окулу 6 милиони евра. На огромно задоволство на идните студенти, но и на дел од сегашните кои планираат и натаму да ги користат услугите за сместување од државата, донесовме одлука за изградба на 3 нови студентски домови, два во Скопје и еден во Тетово. За два од нив, едниот во Скопје, Невена Георгиева Дуња или Медицинар и студенскиот дом во Тетово, веќе е објавена постапка за избор на фирма за изведувач и тие очекуваме во средината на 2016 да почнат со градба и за оваа инвестиција се предвидени 5 милиони евра.

Потенцираше дека е започната постапка за набавка на нов мебел за сите останати студентски домови, во вредност од 1,5 милиони евра.

-Во тек е јавен повик за  фирма која ќе ги замени лифтовите во сите државни студентски домови каде има потреба односно има инсталирани лифтови. Вредноста на оваа инвестиција е отприлика 250 илјади евра. Следната 2017 година студентските домови ќе бидат опремени и со перални и сушални за студентите, како еден од вкупно најавените 40 проекти за младите луѓе од Македонија, кои ќе се реализираат во следниот две до три годишен период. Во овој дел на инвестициони активности спаѓаат и изградбата на новите објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Факултетот за физичка култура при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, како и адаптацијата на објекти за Универзитетот за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Како поддршка на студентскиот стандард, рече Ристовски, изграден е систем за стипендирање, кој нуди повеќе од 40 различни видови на стипендии, меѓу кои и за студирање на најдобрите 100 универзитети во светот, согласно Шангајската листа.

-Износот на средства за стипендии во 2016 година, во споредба со 2005 е трикратно зголемен, односно од 235 милиони денари порасна на 688 милиони денари наменети за стипендии. Минатата година стипендиите ги зголемивме за 10%, што е исто така уште една неветена, но реализирана мерка. За максимално правична и транспарентна распределба на стипендиите, како и на леглата во студентските домови, за првпат после 14 години донесовме Закон за студентски стандард со кој што воведовме системи со кои што се избегнува целосната субјективност во спроведувањето на овие распределби.