Руските санкции погубни за финансискиот систем на САД?

Доколку Соединетите Американски Држави воведат санкции за Москва поради ситуацијата во Украина, Русија би можела да ја намали нулта вредноста на својата економска зависност од САД, рекол денеска советникот од Кремљ, Сергеј Глазиев, предупредувајќи дека на американскиот финансиски систем му се закануваат огромни загуби доколку се случи такво нешто.

„Ќе пронајдеме начин не само да ја сведеме својата зависност од САД на нула, туку и да извлечеме поголема корист за себе од овие санкции“, рекол Глазиев.

Обидот за наметнување санкции врз Москва, смета тој, ќе заврши со крах на американскиот финансиски систем, со што ќе се стави крај на доминацијата на САД во глобалниот финансиски систем.

„Доколку САД наметнат санкции врз Русија поради Украина, Москва ќе биде принудена да го отфрли доларот како резервна валута за меѓународни трансакции и да одбие отплата на кредити на американски банки“, истакнал Глазиев.

Овој експерт, кој често пати руската влада го користи да ги изнесе своите ставови, додал дека доколку Вашингтон ги замрзне банкарските сметки на бизнисмените и поединците, Москва ќе им препорача на сите кои поседуваат американски државни обврзници да ги продадат.

Американскиот претседател, Барак Обама, вчера порачал дека Русија стои на погрешна страна кога станува збор за Украина, и дека потезите на Москва се кршење на меѓународното право.