САД: Кобане не смее да падне во рацете на џихадистите

Борбите за сирискиот град, што се пренесуваат во живо од телевизиите низ целиот свет, се ужас, изјавија американски дипломати, истакнувајќи дека овој стратешки град не смее да падне во рацете на групата Исламска држава, објави МИА.

– Целиот свет го смета за ужас, гледањето во реално време на случувањата во Кобане. Никој не сака да го види Кобане во рацете на ИД, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент Џенифер Саки, истовремено информирајќи за телефонски разговори меѓу државниот секретар Џон Кери и турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест, пак, изјави дека американската влада е крајно загрижена за судбината на цивилното население во градот.

Меѓународата заедница треба итно да реагира за заштита на сирискиот град Кобане, кој може да биде преземен од џихадисти на ИД, изјави специјалниот претставник на ОН за Сирија Стефан де Мистура.

– Сите ние сме длабоко вознемирени дека ИД е во состојба да заземе град, што се брани така храбро, но е на пат да се предаде. Должни сме да дејствуваме сега, се наведува во соопштението на Мистура.

Меѓународната заедница треба да го заштити Кобане. Не смее да дозволиме уште еден град да падне во рацете на џихадистите, истакна претставникот на ОН, додавајќи дека курдските борци располагата со лесно оружје, додека луѓето на ИД имаат тенкови и минофрлачи.

Иран ја критикуваше пасивноста на меѓународната заедница пред офанзивата на ИД врз Кобане. Портпаролката на иранското министерство за надворешни работи Марзие Афхам истакна дека е неопходно да се поддржи сириската влада за справување со терористите.