СДСМ: Никој нема право да шири верска и национална омраза

Никој нема право да шири верска и национална омраза помеѓу граѓаните и да ги навредува нивните чувства. Никој нема право да ги етикетира припадниците на било која вера заради нивната вероисповест, стои во соопштение што денеска СДСМ го упати во јавноста по повод изјавата на реисот Сулејман Реџепи.

„Особено верските поглавари кои имаат уште поголема одговорност и треба да поттикнуваат толеранција и разбирање помеѓу сите граѓани, без разлика на вера и нација. Правото на верска и национална определба е неприкосновено право на секој поединец“ , стои во соопштението.

Од СДСМ велат дека Македонците муслимани, како и останатите Македонци од католичка, православна или друга вероисповест, точно знаат како се чувствуваат и на кој народ му припаѓаат. Тоа е нивно лично, исконско право кое никој не може да им го оспорува.