Се бара советник на Тодоров за мониторинг и евалуација

Министерството за здравство објави оглас за изразување интерес за ангажирање советник на министерот за мониторинг и евалуација на проектите на Министерството за здравство.

Кандидатот кој ќе биде ангажиран треба да ги исполнува следните услови: стекнато најмалку 10-годишно работно искуство во областа на мониторинг и евалуација на проекти, или стекнато 5-годишно работно искуство во оваа област, со стекнат соодветен (меѓународно признат) сертификат за мониторинг и евалуација на проекти, како и сертификат за одлично познавање англиски јазик и сертификат за познавање работа со компјутери, при што се смета за предност познавањето софтверски апликации за статистички анализи.

Рокот за пријавување е до 20 јуни 2015 година, а заинтересираните кандидати можат да ја достават потребната документација и кратка биографија (CV), по пошта или во архивата на Министерството за здравство.

Ангажманот на советникот на министерот ќе се состои од воспоставување методологија за мониторинг и евалуација на проектите на Министерството, континуирано следење и евалуација на постигнатите резултати/ефекти, статистичка анализа на резултатите и изготвување месечни/квартални извештаи, препораки за подобрување на тековните проекти и активности, како и предлог-концепти за имплементирање нови проекти.

Воедно, процесот на мониторинг и евалуација треба да биде насочен кон континуирана и детална анализа на текот на активностите, утврдување евентуални недостатоци, како и дефинирање препораки за натамошниот тек на работа, со цел подобрување на перформансите и постигнување подобри резултати и ефекти во работата.