Шеесет компании ќе повлечат 15 милиони евра од четвртата кредитна линија на МБПР

За дваесеттина дена ќе бидат повлечени првите 15 милиони евра од четвртата кредитна линија на Македонска банка за поддршка на развојот. 70 отсто од парите ќе ги искористат за нови инвестиции додека останатите се за обртни средства. Шеесетте компании со помош на евтината кредитна линија ќе отворат дури 185 нови работни места.

Најголем дел од компаниите или 37 проценти се од преработувачката индустрија, 23 отсто се занимаваат со трговија а останатите вршат транспорт или пак се од градежниот сектор. До крајот на годинава планирано е да се повлечат 40 милиони евра а останатите да се распределат во 2015 година. По реализацијата на четвртата транша со 100 милиони евра, се очекува да се отворат 2150 нови работни места.

– Владата и МБПР се во завршни подготовки за повлекување на првите средства од четвртата транша којашто е во висина од 100 милиони евра. Во интензивни комуникации сме со Европската инвестициска банка и се чини дека во периодот од следните 20-тина дена ќе почне со повлекување на првите средства од овиа кредитна линија што се разбира дека ќе бидат значајна економска придобивка за македонските компании коишто веќе аплицираат за истите, а се разбира она што е најбитно за Владата е дека со помош на овие средства ќе бидат отворени нови работни места и ќе бидат вработени нов граѓани, изјави портпаролот на Владта Александар Ѓорѓиев за Сител телевија.

Од досега реализираните 3 кредитни линии со износ од 250 милиони евра поддржани се 1219 проекти на мали и средни претпријатија при што отворени биле 5303 нови работни места. Со 82 милиони евра драстично е подобрена ликвидноста кај компаниите, намалени се трошоците за финансирање а евтината линија предизвика пад на каматните стапки и кај останатите деловни банки.