Сијарто: Владата во Македонија ја доби власта на демократски избори и тоа треба да биде почитувано

Лидерите на партиите во Македонија мора веднаш да седнат на заедничка маса и да стават крај на политичката криза. Ова се пораките од дипломатските претставници на денешниот министерски состанок на ЦЕИ што се одржува во Охрид.

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто дава силна поддршка за работата на македонската Влада, која победува на парламентарни избори со години наназад. Тој вели дека таквите победи не смеат да се доведат во прашање и упатува пораки опозицијата што поскоро да се врати во Собранието.

-Македонија е една од најзначајните трговски партнери на Унгарија во регионот на Западен Балкан и ние сме силни поддржувачи на евроатланската и европската интеграција на Македонија. Ги поддржуваме ЕУ и НАТО интеграциите на земјата и силно ја поддржуваме актуелната Влада која направи многу успеси во напорите за интеграција на земјата. Македонските граѓани направија многу јасна одлука за иднината на земјата. Партијата која во моментов е владејачка победи на четири по ред парламентарни избори. Кој и да ги доведува во прашање овие одлуки или актуелната Влада, ја доведува во прашање одлуката на македонскиот народ.  Оваа Влада ја доби власта на демократски избори и тоа треба да биде почитувано од секого, изјави министерот Сијарто за Канал 5.

Тој потенцира дека опозицијата треба да се врати во Собранието.

-Тоа секако е нивна одлука, но ако не се вратат во Собранието тогаш ќе им биде тешко на граѓаните да ги прифатат како сериозна алтернатива, истакна министерот за надворешни работи на Унгарија.

Тој се наоѓа во Охрид на министерскиот состанок на ЦЕИ.